Muhammed Bilal Kenasari
05 Ноември 2018•Ажурирај: 05 Ноември 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот државен секретар Мајк Помпео, денес изјави дека убијците на новинарот Џамал Кашоги ќе бидат процесуирани, а дека Соединетите Американски Држави (САД) ќе ги продолжат стратешките односи со Саудиска Арабија, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Ќе ги пронајдеме и ќе ги процесуираме оние кои го извршија убиството. Во истовреме ќе ги задржиме стратешките американско-саудиски односи. Стејт департментот ги продолжува активностите поврзани за случајот со убиството“, рече Помпео за телевизиската мрежа „Фокс“ (Fox).
Тој истакна дека САД веќе ги укинале визите и забраниле влез за 16 лица кои се доведуваат во врска со тоа убиство.
Помпео додаде дека стратешките американски односи со Саудиска Арабија се исклучително важни за сузбивање на експанзионизмот на иранската политика.
И американскиот претседател Доналд Трамп претходно кажа дека САД можат да воведат санкции против Саудиска Арабија, но потоа рече дека не сака да ги нарушува односите помеѓу Вашингтон и Ријад.
Саудиска Арабија се соочи со критики од целиот свет за убиството на новинарот Џамал Кашоги во саудискиот Конзулат во Истанбул. Колумнистот на „Вашингтон пост“ („Washington Post“) исчезна на 2 октомври, откако влезе во саудискиот Конзулат во Истанбул за да земе документи потребни за венчавање.
Според тврдењата на Канцеларијата на државното обвинителство во Истанбул, штом влегол, Кашоги веднаш е задавен, а потоа и исечен на парчиња.