Michael Hernandez
05 Ноември 2018•Ажурирај: 06 Ноември 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Соединетите Американски Држави (САД) ги обновија сите санкции кон Иран кои претходно беа укинати со постигнувањето на Меѓународниот договор за иранската нуклеарна програма, јавува Anadolu Agency (AA).
Американскиот државен секретар, Мајк Помпео, и министерот за трезор на САД, Стивен Мнучин, минатата недела најавија дека од денес на сила ќе стапат санкциите кои се однесуваат на иранската енергетика, бродоградба, транспорт и финансиски сектор.
Ова е втора етапа од обновувањето на санкциите за Иран, откако американскиот претседател Доналд Трамп во мај оваа година донесе одлука за повлекување од Меѓународниот договор за иранската нуклеарна програма, и покрај приговорите од страна на блиските сојузници во Европа.
Администрацијата на Трамп сака да го промени однесувањето на Иран со овие санкции, од кој бара исполнување на листа со 12 барања, со цел укинување на санкциите.
На осум земји кои значително го намалија нивниот увоз на иранска нафта, дадени им се привремени отстапувања за да им биде дозволено да продолжат со увезување иранска нафта по стапување на сила на санкциите.
„Две од земјите се согласија да го редуцираат увозот на нула, додека шест други ќе увезуваат во многу намалени количини“, изјави Помпео.
САД очекуваат намалување на извозот на иранска нафта за повеќе од 1 милиони барели дури и пред денешната транша економски санкции.
Според Мнучин, САД денес на црната листа ставиле уште 700 правни и физички лица од Иран.
Освен САД, во Договорот за иранската нуклеарна програма останаа сите други земји потписнички, а тоа се Кина, ЕУ, Франција, Германија, Иран, Русија и Велика Британија.