Hüseyingulu Hüseyinzade
28 Март 2022•Ажурирај: 29 Март 2022
ВАРШАВА (АА) - Претседателот на Полска, Анджеј Дуда, ја критикуваше политиката на Унгарија за рускиот напад врз Украина, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во интервјуто за локален телевизиски канал, Дуда ја критикуваше Унгарија дека не ја поддржува Украина и не презема чекори против Русија.
„Имајќи ја предвид руската агресија врз Украина, смртта на илјадници цивили и бомбардирањата што претставуваат воени злосторства според меѓународното право, тешко е да го разберам пристапот на Унгарија. Оваа политика Унгарија ќе ја чини многу“, нагласи Дуда.
Унгарскиот премиер, Виктор Орбан, го отфрли барањето на украинскиот претседател, Владимир Зеленски, да дозволи транзит на оружје од Унгарија во Украина и да ги поддржи санкциите за природен гас и нафта кон Русија.
Берталан Хаваси, генералниот секретар на Канцеларијата за односи со медиуми на премиерот Орбан, во изјавата за унгарската новинска агенција МТИ истакна дека Зеленски на самитот на лидерите на Европската Унија (ЕУ) побарал од Унгарија да ги поддржи енергетските санкции кон Русија и да дозволи испорака на оружје за Украина, но дека премиерот Орбан ги одбил овие барања бидејќи биле против интересите на Унгарија.
Посочувајќи дека најголемиот дел од природниот гас и нафтата во Унгарија доаѓа од Русија и дека 85 отсто од домаќинствата во земјата се греат на природен гас, Хаваси истакна дека неговата земја ќе се спротивстави на енергетските санкции кон Русија, како што правеше досега.
Зеленски исто така реагирал на односот на Унгарија кон руско-украинската војна и побарал од унгарската Влада да ја поддржи Украина.