Elena Teslova
28 Март 2022•Ажурирај: 29 Март 2022
МОСКВА (АА) - Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, соопшти дека мировните преговори помеѓу Русија и Украина би можеле да продолжат во Истанбул утре, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Денес, делегациите одат во Турција. Очекуваме дека ова (состанокот на двете делегации) утре теоретски може да се случи“, им кажа Песков на новинарите на дневниот брифинг во Москва денес.
Тој рече дека фактот што состанокот се одржува лично е важен, но не го коментираше напредокот.
„Ние сè уште не можеме и нема да коментираме околу напредокот. Фактот дека е одлучено да продолжат преговорите лице в лице е многу важен. Но засега сè уште се држиме до линијата на неоткривање на деталите поврзани со преговорите. Сметаме дека тоа може само да му наштети на преговарачкиот процес“, рече тој.
„Форматот лице в лице дозволува поконцентрирани, посуштински преговори во однос на содржината. Досега, за жал, не можеме да констатираме никакви значајни достигнувања.“
Портпаролот додаде дека разговорите во Истанбул не сугерираат состанок помеѓу рускиот и украинскиот претседател и исто така дека размената на затвореници не е на дневниот ред.
Русија испрати војници во Украина на 24 февруари и го нарече тоа „специјална воена операција“. Војната наиде на меѓународна осуда, а западните земји воведоа строги финансиски санкции кон Москва.
Киев и Москва одржаа неколку рунди преговори досега, а на дневен ред се статусот на Крим, судбината на отцепените региони Доњецк и Луганск и обидот на Украина да се приклучи кон НАТО.
На 10 март, Турција беше домаќин на средбата на министрите за надворешни работи на Русија и Украина во турскиот град Анталија, средба на највисоко ниво од двете страни од почетокот на војната на 24 февруари.
Турција доби широко распространета пофалба за напорите да стави крај на војната, а од голема помош е нејзината единствена позиција на пријателски односи и со Русија и со Украина.
Во меѓувреме, Песков рече дека Кремљ знае за снимката што се шири на интернет во која заробените руски војници се застрелани во нозете наводно од украинските сили, и додаде дека оние што се вклучени во нехуманите дејствија треба да одговараат.