Полска преговара за испорака на авиони МиГ-29 на Украина во замена за одбранбена технологија
- „Донацијата на авионите би била дел од политиката на Алијансата за поддршка на Украина и за одржување на безбедноста на источниот фронт на НАТО“, се наведува во објавата на социјалната мрежа X.
ИСTАНБУЛ (АА) – Полска разгледува можност да ги донира своите преостанати советски борбени авиони МиГ-29 на Украина во замена за пристап до украинска технологија за дронови и ракети, соопшти Генералштабот на Вооружените сили, јавува Анадолу.
Воени официјални претставници изјавија дека авионите се блиску до крајот на нивниот работен век и дека нема да бидат дополнително модернизирани, што ја прави потенцијалната донација дел од плановите за обновување на полската воздушна флота и пошироката поддршка за Киев.
Генералштабот потврди дека разговорите се во тек, но нагласи дека сѐ уште не е донесена официјална одлука.
„Донацијата на авионите би била дел од политиката на Алијансата за поддршка на Украина и за одржување на безбедноста на источниот фронт на НАТО“, се наведува во објавата на социјалната мрежа X.
Полските авиони МиГ-29 би биле заменети со американски Ф-16 и јужнокорејските лесни борбени авиони ФA-50, кои постепено ги преземаат оперативните задачи на флотата.
За возврат, Владата ја истражува можноста за добивање избрани технологии за ракети и беспилотни летала од Украина, чии брзи воени иновации ја направија голем производител на беспилотни системи.
„Целта не е само компензација за опремата, туку пред сѐ стекнување и заеднички развој на нови одбранбени и индустриски капацитети“, стои во соопштението.
Украина сега произведува илјадници дронови месечно и забрзано ги развива своите способности за далечински напади, во време кога некои западни партнери, вклучително и САД, се воздржуваат од испорака на такви системи.
Според полската новинска агенција ПАП, Украина моментално управува со околу 40 авиони МиГ-29. Од почетокот на руската инвазија во 2022 година, Киев веќе доби 14 МиГ-29 од Полска и 13 од Словачка, што помогна да се одржи неговата застарена воздушна флота.
