Jo Harper
19 Ноември 2025•Ажурирај: 19 Ноември 2025
ВАРШАВА (АА) - Полска денес соопшти дека го затворила и последниот функционирачки руски конзулат во земјата – оној во Гдањск – како одговор на серијата саботажи врз железничката инфраструктура изминатиот викенд, за кои Варшава ја обвинува Русија, јавува Анадолу.
„Русија не ги запира овие напади, туку ги ескалира“, изјави полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски на прес-конференција во Варшава.
„Кога намерата на саботажата може да предизвика човечки жртви, зборуваме за државен тероризам. Затоа одлучив да го затворам рускиот Конзулат во Гдањск. Ова нема да биде нашиот целосен одговор.“
Тој додаде дека денес или утре ќе поднесе официјално барање до Белорусија за екстрадиција на осомничените саботери.
Сикорски исто така објави нови информации од полските разузнавачки служби за двата неделни обиди за исфрлање од пругата на патнички возови на клучните линии што ја поврзуваат Варшава со Лублин и Деблин, на југоисток од земјата.
Според него, истрагата утврдила дека извршителите биле украински државјани кои соработувале со руската воена разузнавачка служба ГРУ, која, како што рече, често ангажира посредници под лажни идентитети.
„Ова ќе го добие нашиот одговор, не само дипломатски. За тоа ќе ве информираме во наредните денови“, додаде тој.
Премиерот Доналд Туск претходно оваа недела потврди дека службите идентификувале двајца украински државјани одговорни за саботажата, кои веќе избегале во Белорусија.
Еден од нападите вклучувал активирање експлозивна направа на линијата Варшава – Лублин, во близина на станицата Мика. Во вториот случај, сторителите оштетиле дел од електричната инфраструктура и поставиле метална стега на шините со цел да предизвикаат излетување на возот.
Сикорски ја поврза саботажата и со политичките тензии околу Денот на независноста на Полска, 11 Ноември, остро критикувајќи го националистичкиот марш во Варшава на кој беше запалено знамето на ЕУ.
Тој го обвини и претседателот Карол Навроцки за тоа што во својот говор не ја споменал руската агресија, додека ја критикувал домашната политичка опозиција.
Нападите се последни во серијата наводни руски операции кои во текот на изминатата година беа забележани низ Полска и поширокиот регион.
Москва постојано негира каква било вмешаност во инцидентите.