Mintaha Neslihan Eroğlu
13 Јуни 2016•Ажурирај: 14 Јуни 2016
ЛОС АНЏЕЛЕС (АА) - Полицијата на САД уапсила сомнително лице кое се подговувало за терористички напад на 46-та Парада на гордоста, која активистите на ЛГБТ популацијата ја организираа во Холивуд, јавува Anadolu Agency (AA).
По вооружениот напад во кој вчера беа убиени 50 лица во ноќен клуб во Ораландо, во сојузната држава Флорида, американската полиција ги засили мерките за безбедност и се чини дека спречи нова трагедија.
Полицијата во Санта Моника, сопрела еден автомобил управуван од маж кој тврдел дека одел во Холивуд за да се најде со пријателите и да учествува на Парадата на гордоста. Полицијата извршила претрес на возилото и притоа запленила поголемо количество експлозив и оружје, со кои осомничениот планирал да изврши напад.
Шефицата на полицијата, Џеклин Сибрукс, соопшти дека е приведен 20-годишниот Џејмс Весли Хавол, и дека доаѓа од Индијана. Приведениот и претходно ѝ бил познат на полицијата. Минатата година бил приведен бидејќи на едно лице му се заканувал со оружје.
По апсењето на осомничениот, организаторите не сакале да ја откажат Парадата на гордоста, која се одржа со засилени мерки на безбедност. На почетокот, учесниците со едноминутен молк им оддадоа почит на починатите во нападот во Орландо.
„Денеска овде во молк и тишина оддаваме почит на починатите во Орландо, но мораме да го задржиме и нашиот горд став. Лидерите на оваа заедница ќе му покажат на целиот свет кои сме ние. Ќе продолжиме да го креваме својот глас“, порача организаторот на Парадата на гордоста, Крис Класен.
На Парадата на ЛГБТ популацијата во Лос Анџелес учествуваше и познатиот глумец, Дени ДеВито, кој ја критикуваше власта на САД дека не презема ништо за да се спречат трагичните напади, но исто и жртвите да не бидат брзо заборавени.