Ekipa
15 Септември 2020•Ажурирај: 16 Септември 2020
БОГОТА (АА) - Пожарите беснеат во мочуришното подрачје на западно-централниот дел на Бразил, оставајќи зад себе огромен појас од јагленисана област во рајот на биодиверзитетот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Огромните пожари уништија речиси 12 отсто од најголемите тропски мочуришта во светот, делумно претворајќи го во пепел еден од најголемите биолошки најразлични екосистеми на планетата.
Властите велат дека пожарите, честопати подметнати од сточарите и земјоделците за расчистување на земјиштето, а интензивирани од најтешката суша во последните 47 години, се надвор од контрола.
Областа Пантанал, која зафаќа и делови на Боливија и Парагвај, е дом на приближно 1.200 видови 'рбетници, вклучувајќи 36 на кои им се заканува истребување. Овој регион е дом на ретки птици и на најгустата популација на јагуари во светот.
Научниците велат дека големината на загубата не може да се процени. Сателитите на Националниот институт за вселенски истражувања покажаа дека од јануари до септември, 14.764 опожарени места ја зафатиле бразилската страна на овој биом, што е зголемување за 214 отсто во однос на истиот период 2019 година.
Пожарите во Пантанал годинава се четирипати поголеми од најголемиот пожар што досега ја има зафатено дождовната шума во бразилскиот Амазон, соопшти НАСА. Пантанал е помал и помалку познат од џунглата во Амазон, но регионот изобилува со води и е стратешка локација.
Пожарите во бразилскиот Амазон стануваат сè посилни, интензивирани поради уништувањето на шумите, за што екологистите го обвинуваат претседателот Жаир Болсонаро, за охрабрување на интервенциите во заштитеното подрачје.