ЊУЈОРК (АА) - Во екот на исчекувањето на исходот на едни од најнеизвесните претседателски избори во Соединетите Американски Држави (САД) во поновата историја, за идниот домаќин на Белата куќа би можело да одлучи и повторното броење на гласовите во некои од клучните сојузни држави, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според неофицијалните резултати, кандидатот на Демократската партија, Џо Бајден, собра 253 електори и поголеми му се шансите за изборна победа отколку на неговиот републикански ривал и актуелен претседател Доналд Трамп, кој моментално има 213 собрани електори, а за останување во Белата куќа му се потребни минимални 270.
Поранешниот американски потпретседател Бајден успеа да победи во три сојузни држави во кои Трамп славеше на изборите во 2016 година, а тоа се Мичиген, Висконсин и Аризона.
Меѓутоа, таборот на претседателот Трамп побара повторно броење на гласовите во Висконсин и со тужба побара запирање на броењето на гласовите во Мичиген, Пенсилванија и Џорџија, за кои тврди дека постојат нерегуларности и измами во изборниот процес.
Адвокатот на Трамп и поранешниот градоначалник на Њујорк, Руди Џулијани, изјави дека Трамп победил на изборите во Пенсилванија и во САД.
Ерик Трамп, синот на американскиот претседател, јавно ја обвини Демократската партија за изборна измама и најави тужба со барање за запирање на броењето на гласовите во целата земја.
Правилата овозможуваат повторно броење на гласачките ливчиња во сојузните држави за да се отстранат сомнежите во грешките при првото броење. Таков случај се случи на изборите во 2000 година во Флорида. Врховниот суд на САД сепак го запре повторното броење и го прогласи републиканскиот кандидат Џорџ В. Буш за победник пред неговиот демократски ривал Ал Гор.
Меѓутоа, во тој контекст сојузните американски држави имаат различни прописи. Така легислативата во Висконсин дозволува повторно броење на гласовите дури и по официјалната потврда на изборните резултати, која се очекува на 1 декември.
Специфичниот изборен процес во САД ги збунува поголемиот дел од странските аналитичари кои имаат потешкотии во сфаќањето на фактот дека изборните прописи Вашингтон не ги регулираше на федерално ниво, туку дека сојузните држави, па дури и некои локални заедници, имаат сопствени закони кои ги регулираат процесите на решавање на жалбите кои спротиставените табори ги имаат во врска со изборниот процес и броењето на гласовите.
За да го добие бараното повторно броење на гласовите, таборот на Трамп во Мичиген, тужбата поради евентуалните нерегуларности треба да ја поднесе во рок од 48 часа, а во Висконсин разликата во освоените гласови на кандидатите не смее да надминува 1 отсто. Во случај разликата да биде помала од 2.000 гласа, законот предвидува автоматско повторно броење.
Мали се шансите дека би можело да дојде до повторно броење на гласовите во Пенсилванија, бидејќи Трамп моментално води со 2,6 отсто, а законот на таа сојузна држава предвидува само автоматско пребројување во случај разликата да биде помала од 0,5 отсто или изборните комисии да документираат нерегуларност.
Резултатите во Пенсилванија сѐ уште не откриваат доверлив исход од изборите, бидејќи допрва се очекува броењето на гласови кои пристигнаа по електронски пат во Кајстон.
Уште некои од сојузните држави кои би можеле да го одлучат исходот од американските избори, а во кои кандидатите би можеле да побараат повторно броење на гласовите, се Северна Каролина, Невада и Џорџија.
news_share_descriptionsubscription_contact
