Ahmet Dursun
07 Јануари 2020•Ажурирај: 08 Јануари 2020
АНКАРА
Иранскиот Парламент по наредба на иранскиот лидер, ајатолахот Али Хамнеи, одобри дополнителен буџет од 200 милиони евра за „Силите на Кудс“, кои се дел од Иранската револуционерна гарда, јавува Агенција Анадолија (АА).
Иранската студентска новинска агенција (ISNA) објави дека претседателот на иранскиот Парламент, Али Лариџани, во своето обраќање на отворената седница изјавил: „Со цел да им се даде поддршка на Силите на Кудс (Ерусалим), кои ја презедоа одговорноста за отпорот во регионот, во последните два месеца од тековната година (Иран го користи персискиот или џалалов календар. Станува збор за соларен календар во кој годината почнува на 20 март, на денот на пролетната рамнодневница), од Националниот фонд за развој на „Силите на Кудс“ им се доделени 200 милиони евра.“
Лариџани истакна дека одлуката е донесена по наредба на иранскиот лидер Хамнеи.
- Сулејмани, командантот на Силите на Кудс, беше убиен во напад на САД
Силите на Кудс како дел од Иранската револуционерна гарда водеа воено-разузнавачки операции надвор од земјата. Тие се познати како едни од најмоќните разузнавачки сили во регионот. Силите на Кудс се директно поврзани со врховниот лидер на Иран, Хамнеи.
Командантот на Силите на Кудс, генерал Касим Сулејмани, заедно со уште 9 лица, кои беа во негова придружба, беа убиени на 3 јануари во напад што го изведоа Американските воздухопловни сили.
Хамнеи по нападот изјави: „Со неговото заминување нема да запре работата што ја извршуваше и тој пат нема да биде затворен. Виновниците ги чека една горка освета.“
Хамнеи прогласи тридневна национална жалост во земјата, а на местото на Сулејмани го назначи неговиот заменик, генерал Исмаил Кани.