Ekip
22 Мај 2022•Ажурирај: 23 Мај 2022
БУЧА (АА) - По руските напади, повторно работат пазарите во украинска Буча, известува Агенција Анадолија (АА).
Русија ја започна војната во Украина кон крајот на февруари, а потоа окупираше неколку градови, вклучувајќи го и градот Буча. По повлекувањето на руските сили од Буча, јавноста е згрозена од снимките на кои се гледаат бројни цивилни жртви во разорениот град, кој од Киев е оддалечен 15-ина километри.
Во овој украински град и понатаму под урнатините се наоѓаат тела на цивили.

Во своите домови се враќаат и оние кои поради нападите заминаа во други безбедни делови од земјата. Во Буча повторно со работа почнаа пазарите, кафулињата и некои фирми.
Елена Сконатовска, која работи на пазарот во Буча, изјави дека пазарот бил затворен околу два месеца.
„Русите јадеа риба и месо и сѐ уништија. Многу загубивме. Морам некако да ги прехранам своите четири деца. Сега повторно продолжуваме со работата“, рече Сконатовска.
Таа истакна дека ја сака својата земја и дека не сака да си замине.

„Добив покани со семејството да се преселам во Холандија, но не сакав да заминам. Ова е моја земја. Подготвена сум да дадам сѐ за мојата земја“, порача Сконатовска.
Враќајќи се во Буча, Ирина Кабиц изјави дека до 2014 година живеела во Доњецката Област.
„Дојдов тука поради војната во Доњецк. Војната ме затече тука по вторпат“, рече Кабиц.
Таа порача дека Украина е силна земја.
„Верувам дека ќе ја добиеме оваа војна со поддршка на целиот свет. Буча ќе биде убава како и претходно“, додаде Кабиц.
