Zehra Ulucak
20 Март 2017•Ажурирај: 21 Март 2017
ТОКИО (АА) - Во Токио, министрите за надворешни работи и за одбрана на Русија и Јапонија, на првиот состанок „2 + 2“ по руската анексија на Крим разговараа за регионални и за безбедносни прашања, јавува Anadolu Agency (AA).
На средбата „2 + 2“ присуствуваа рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, и неговиот јапонски колега Фумио Кишида, министерот за одбрана на Русија, Сергеј Шојгу и јапонската министерка за одбрана, Томоми Инада, кои разговараа за борбата против тероризмот, трговијата со дрога, како и за нуклеарната програма на Северна Кореја.
Руските дипломати најавија дека на средбата ќе изразат загриженост во врска со системот за противракетна одбрана ТХААД, на САД, кој би можела да го инсталира Јужна Кореја.
На средбата стана збор и за островите за коишто спорат Русија и Јапонија.
„Верувам дека заедничкиот развој на островот ќе биде важен чекор во подготовката на погодна средина за мировен договор“, изјави Лавров на почетокот на средбата.
Кишида, исто така, изрази подготвеност за заеднички економски развој и за решавање на ова прашање.
Последниот состанок „2 + 2“ меѓу Русија и Јапонија се одржа во ноември 2013 година. По кризата во Украина, на Москва ѝ беа воведени санкции коишто ги поддржа и Јапонија, што предизвика прекин во одржувањето на споменатите средби.