Gökhan Çeliker,Eşref Musa,Ahmet Karaahmet
08 Декември 2024•Ажурирај: 08 Декември 2024
ДАМАСК/ЛАТАКИЈА (АА) – Со падот на сирискиот режим на партијата Баас и крајот на ерата на владеење на семејството Асад утрово, граѓаните низ Сирија излегуваат на улиците и ги уриваат статуите на Хафез Ал Асад, таткото на соборениот Башар ал Асад, јавува Анадолу.
Најголемите градови во Сирија во изминатите денови паднаа под контрола на опозициските групи, а државната телевизија утринава објави дека режимот на Асад е соборен и дека сите затвореници се ослободени од затворите.
Сиријците потоа излегоа на улиците и почнаа да ги уриваат статуите и спомениците на режимот на партијата Баат и семејството Асад.
Вакви случаи се случија во голем број градови, вклучително и во главниот град Дамаск и Латакија, која е роден град на семејството Асад.
Во Дамаск луѓето упаднаа и во палатата на Башар ал Асад, а сѐ уште не се знае каде се наоѓа соборениот диктатор.
Меѓународните медиуми објавија различни тврдења дека Асад ја напуштил Сирија, а непотврдени извештаи сугерираат дека тој можеби отпатувал во Русија или во соседна блискоисточна земја.
Сирија е средиште на граѓанска војна од 2011 година, а судирите повторно се интензивираа кон крајот на ноември кога антирежимските групи ја презедоа контролата врз Алепо. Потоа ја презедоа контролата во цел Идлиб, а потоа и во другите градови.
Вчера опозициските групи почнаа да навлегуваат во Дамаск од југ и брзо го зазедоа главниот град на Сирија, а соборениот Асад наводно побегнал и во моментов не се знае каде се наоѓа. Утрово државната телевизија објави дека режимот на партијата Баас е соборен, сите затвореници се ослободени и дека воените операции за ослободување на земјата продолжуваат.