Ömer Faruk Yıldız
27 Јули 2021•Ажурирај: 28 Јули 2021
КУАЛА ЛУМПУР (АА) - Каналите за комуникација меѓу Северна и Јужна Кореја, што се затворија изминатата година, повторно се отворени, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението од Претседателскиот кабинет на Јужна Кореја се наведува дека преписките меѓу севернокорејскиот лидер, Ким Џонг Ун, и јужнокорејскиот претседател, Мун Џае Ин, што траат од април, за повторно отворање на затворените канали за комуникација, дадоа позитивни резултати.
Исто така се посочува дека се активирани официјалните комуникациски линии меѓу двете земји и се потенцира надежта дека „со заедничка доверба билатералните односи ќе бидат обновени што е можно побргу“.
Севернокорејската државна агенција исто така ја потврди официјалната изјава на Јужна Кореја.
Минатата година, Владата на Северна Кореја донесе одлука да ги затвори каналите за комуникација со Јужна Кореја, откако не успеа да преземе нешто против јужнокорејските активисти кои преку морски патишта испраќаа протестни брошури до границата со Северна Кореја.