Burcu Arik
04 Декември 2017•Ажурирај: 04 Декември 2017
РАМАЛА (АА) - Палестинскиот претседател Махмуд Абас денес предупреди дека плановите на САД да ја преселат својата амбасада во Израел од Тел Авив во Ерусалим ќе ја загрозат иднината на политичкиот процес во регионот, пренесува Anadolu Agency (AA).
Неговите коментари дојдоа во екот на неодамнешните јавувања на медиумите дека американскиот претседател Доналд Трамп се подготвува да го признае Ерусалим како главен град на Израел.
Како што јави државната палестинска новинска агенција „WAFA“ (ВАФА), Абас се состанал со делегација од Демократскиот фронт за еднаквост и мир (Хадаш) во Рамала.
„Секој чекор што го преземаат САД за признавање на Ерусалим како главен град на Израел или за преместување на својата амбасада од Тел Авив во Ерусалим ќе ја загрози иднината на политичкиот процес“, рече Абас во текот на состанокот.
Палестинскиот претседател додаде дека арапските земји, вклучувајќи ја и Палестина и меѓународната заедница, нема да го признаат таквиот потег од страна на американската администрација.
Во текот на денешниот ден палестинскиот министер за надворешни работи, Ријад ал-Малики, ја повика Арапската лига и Организацијата за исламска соработка (ОИК) да се состанат на разговори околу ситуацијата во Ерусалим.
Ал Малики предупреди дека таквиот потег на САД ќе има сериозни последици и би предизвикал експлозија на ситуацијата во палестинските територии и во регионот.
За време на својата предизборна кампања Трамп даде ветување дека ќе ја пресели американската амбасада од Тел Авив во Ерусалим.