Asiye Latife Yılmaz
28 Октомври 2025•Ажурирај: 29 Октомври 2025
ИСТАНБУЛ (AA) – Американските сили вчера извршија три воздушни напади врз четири брода за кои се тврди дека биле вклучени во трговија со дрога во Источен Пацифик, при што загинаа 14 лица, изјави денес американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет, јавува Анадолу.
„Вчера, по наредба на претседателот Доналд Трамп, Министерството за војна изврши три смртоносни кинетички напади врз четири пловни објекти управувани од означени терористички организации (DTO), кои тргуваат со наркотични средства во Источен Пацифик“, напиша Хегсет на американската социјална мрежа X.
Тој изјави дека бродовите им биле познати на разузнавачките служби, дека пловеле по добро познати наркомаршрути и превезувале дрога.
Хегсет додаде дека осуммина биле на првиот погоден брод, четворица на вториот и тројца на третиот. Вкупно 14 „наркотерористи“ биле убиени, а едно лице го преживеало нападот.
„Сите удари беа извршени во меѓународни води и нема повредени американски сили“, истакна тој.
Американската Јужна команда веднаш започнала стандардни процедури за пребарување и спасување (SAR) на преживеаниот, а мексиканските спасувачки власти го презеле координирањето на операцијата, се наведува во соопштението.
„Министерството помина повеќе од две децении бранејќи туѓи татковини. Сега ја браниме нашата“, порача Хегсет.
„Овие наркотерористи убиле повеќе Американци од Ал-Каеда и ќе бидат третирани на ист начин. Ќе ги следиме, ќе ги откриеме нивните мрежи и потоа – ќе ги лоцираме и уништиме“, додаде тој.
Нападот претставува најнов чекор во кампањата на администрацијата на Трамп против таканаречениот „наркотероризам“.