Michael Gabriel Hernandez
12 Мај 2022•Ажурирај: 12 Мај 2022
ВАШИНГТОН (АА) - Употребата на хиперсонично оружје од страна на Русија како дел од нејзината тековна воена кампања против Украина не го промени суштински конфликтот, изјави министерот за одбрана на САД, Лојд Остин, јавува Агенција Анадолија (АА).
Сведочејќи заедно со началникот на Здружениот Генералштаб на вооружените сили на САД, Марк Мили, Остин рече дека силите на Кремљ во Украина користеле хиперсонични средства неколкупати, но тврдеше дека тие не биле „главна промена на играта до овој момент“.
Хиперсоничните проектили се скапо оружје кои патуваат со најмалку пет пати поголема од брзината на звукот, што го отежнува нивното следење и пресретнување.
Запрашан конкретно дали руската употреба на новото оружје ја зголемува веројатноста војната да се претвори во нуклеарен конфликт, Остин рече дека „многу е тешко да се предвиди“ што мисли рускиот претседател Владимир Путин, но рече дека не верува дека би дошло до тоа.
„Тој употреби хиперсонично оружје пред неколку недели и мислам дека се обидува да создаде специфичен ефект со употребата на тоа оружје“, рече шефот на одбраната пред поткомитетот на Претставничкиот дом.
„Тој има опции знаете, тој може да изврши кибернапад, може да употреби хемиско оружје, таквите работи по кои сите сме во потрага, за да видиме дали носи такви одлуки, но јас не мислам дека тоа нужно го води до употреба на нуклеарно оружје“, рече тој.
Мили се согласи со оценката на Остин, велејќи дека иако оружјето е значително побрзо од претходно развиените ракети „не гледаме навистина значајни ефекти, односно ефекти кои ја менуваат играта“.
Тој призна дека нивната употреба во Украина е првпат да бидат употребени во борба.