Jeyhun Aliyev
12 Мај 2022•Ажурирај: 13 Мај 2022
АНКАРА (АА) - Новинарката на „Ал Џезира“, Ширин Абу Аклех, која беше застрелана додека известуваше за рациите на израелската војска на окупираниот Западен Брег, наводно не била застрелана од непосредна близина, бидејќи била „околу 150 метри оддалечена од израелските воени сили“ во тоа време, соопштија израелските власти, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Израелскиот весник „Хаарец“, повикувајќи се на првичната истрага спроведена од страна на Израелските одбранбени сили, тврди дека „сè уште не е јасно“ дали Аклех (51) била убиена од израелските сили или од палестински „вооружени напаѓачи“.
Се тврди дека истрагата покажува дека израелските војници испукале „неколку десетици куршуми“ за време на рацијата во градот Џенин на Западниот Брег, додавајќи дека „не е познато“ дали бил израелски или палестински истрелот со кој е убиена репортерката.
Истакнувајќи дека Абу Аклех била погодена со куршум со дијаметар од 5,56 милиметри од пушка М16, се вели дека таквите пушки ги користат и израелските сили и палестинските „ќелии“ на Западниот Брег.
„Информациите се недоволни за да се утврди која страна го испукала куршумот“, се додава.
Исто така, весникот „Једиот Ахронот“ објави дека израелскиот министер за одбрана, Бени Ганц, побарал од палестинската администрација да го достави куршумот што ја погодил Абу Аклех до израелските власти на балистичко вештачење.
Претходно, палестинското Министерство за здравство соопшти дека новинарката била застрелана во главата од израелската армија додека известувал за воен напад.
Абу Аклех е родена во Ерусалим во 1971 година и дипломирала новинарство и медиуми на Универзитетот „Јармук“ во Јордан. Таа работеше како известувач за каналот на арапски јазик „Ал Џезира“ 25 години.