Servet Günerigök
05 Март 2019•Ажурирај: 06 Март 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Министерството за одбрана на Соединетите Американски Држави (САД) соопшти дека на компанијата „Локхид Мартин“ („Lockheed Martin“) ѝ е доделена работа вредна речиси милијарда долари за производство на напредниот одбранбен ракетен систем ТХААД (THAAD), за потребите на Саудиска Арабија, јавува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението од Пентагон се наведува дека прецизната вредност на потпишаниот договор кој се подготвува за Саудиска Арабија е 945.900.000 долари.
Во согласност со договорот, компанијата „Локхид Мартин“ веднаш ќе почне со производство на основните елементи на одбранбениот систем ТХААД.
Со договорот е предвидено компанијата да произведе и опрема за тестирање и да организира обука на луѓето кои ќе го користат системот.
Во ноември минатата година, американскиот претседател Доналд Трамп потпиша договор вреден 15 милијарди долари кој предвидува продажба на вкупно 44 лансирни рампи ТХААД и комплетна придружна опрема на Саудиска Арабија.
Официјално Вашингтон и Ријад за купопродажбата на системот ТХААД преговорите ги започнаа кон крајот на 2016 година.