Aida Cako
27 Август 2025•Ажурирај: 28 Август 2025
СКОПЈЕ (АА) - Папата Лав XIV денес упати силен повик до меѓународната заедница за итен прекин на војната во Појасот Газа и обезбедување непречен проток на хуманитарна помош до населението во енклавата, јавува Анадолу.
Говорејќи на неделната општа аудиенција во салата Павле VI во Ватикан, папата рече: „Денес повторно упатувам силен апел и до вклучените страни и до меѓународната заедница да се стави крај на конфликтот во Светата земја, кој предизвика толку многу терор, уништување и смрт.“
Вчера латинскиот и грчкиот православен патријарх на Ерусалим заеднички повикаа на мир во Газа и го осудија присилното масовно раселување на цивилите.
Придружувајќи се на нивниот повик, папата Лав XIV се потсети и на Денот на молитва и пост за мир, одржан во петок, 22 август.
Тој, исто така, повика на безбеден влез на хуманитарна помош во Газа и заштита на цивилите.
„Апелирам сите заложници да бидат ослободени, да се постигне траен прекин на огнот, да се олесни безбедно доставување хуманитарна помош и целосно да се почитува хуманитарното право - особено обврската за заштита на цивилите и забраните за колективно казнување, неселективна употреба на сила и присилно раселување на населението“, додаде тој.