06 Мај 2024•Ажурирај: 07 Мај 2024
РАФА (АА) - Стотици Палестинци почнаа да ги напуштаат квартовите во источна Рафа, на југот на Појасот Газа, пред можната копнена инвазија на израелските сили, пренесува Анадолу.
Израелската војска утрово издаде итна наредба за евакуација на палестинските жители од неколку подрачја во источна Рафа пред можната копнена инвазија, повикувајќи ги веднаш да се префрлат во градот Ал-Маваси.
„Израелската армија ја проширува хуманитарната зона во Ал-Маваси и ги повикува Палестинците привремено да се евакуираат од источните населби на Рафа во проширената хуманитарна зона“, напиша портпаролот на Армијата, Авичај Адраи, на платформата X.
Додаде дека „проширувањето на хуманитарната зона во Ал-Маваси вклучува теренски болници, шатори, големи количини храна, вода, лекови и други залихи“.
„Армијата, исто така, овозможува соработка со одредени меѓународни организации и други земји за проширување на опсегот на хуманитарна помош што се доставува до Појасот Газа“, истакна портпаролот.
„Во овој контекст, ќе се делат летоци, ќе се испраќаат СМС пораки и телефонски повици, а информациите се пренесуваат и преку арапските медиуми“, рече Адраи.
Додаде дека „овој процес ќе продолжи постепено врз основа на тековните проценки на ситуацијата.“
„Армијата ќе продолжи да работи за постигнување на целите на војната, вклучително и разбивање на Хамас и враќање на сите израелски заложници“, нагласи тој.
Агенцијата на Обединетите нации за помош на палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА) објави дека евентуалниот израелски копнен напад врз Рафа, каде засолниште најдоа раселените Палестинци во Појасот Газа, ќе предизвика уште поголемо страдање и цивилни жртви.
Во жестоките израелските напади врз Појасот Газа кои започнаа по 7 октомври загинаа над 34.000 Палестинци.
Речиси седум месеци по почетокот на израелската војна, огромни делови од Газа се во урнатини, 85 отсто од населението на енклавата е внатрешно раселено, и воведена е целосна блокада на храна, чиста вода и лекови, според Обединетите нации.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата. Во привремената пресуда во јануари се наведува дека е „веројатно“ дека Израел врши геноцид во Газа и му е наредено на Тел Авив да ги запре таквите акти и да преземе мерки за да гарантира дека хуманитарната помош ќе стигне до цивилите во Појасот Газа.