Ali H. M.Abo Rezeg
07 Октомври 2018•Ажурирај: 08 Октомври 2018
ГАЗА (АА) - Стотици Палестинци протестираа денес во Газа поради високата стапка на невработеност која расте поради 11-годишната израелска блокада, јавува Anadolu Agency (AA).
Демонстрантите од локалните власти и палестинската Влада во Рамала бараат да отворат нови работни места за луѓето во блокираната енклава.
„Денес, сиромашните семејства излегуваат на улиците да го подигнат својот глас кон палестинските власти и меѓународната заедница“, изјави за АА, Талал Абу Зарифа, претставникот на Демократскиот фронт за палестинско ослободување (DFLP) кој ги организираше протестите.
Тој, исто така на палестинската Влада ѝ порача дека мора да ја менува политиката и да стави крај на внатрешнопалестинските поделби кои додатно ја влошија состојбата во блокираната Газа.
Абу Зарифа ја обвини и меѓународната заедница за продолжување на пасивното набљудување на израелската блокада во Газа.
Светската банка и минатата година предупреди дека економијата во Газа се наоѓа во слободен пад и го повика Израел и меѓународната заедница да преземат итни мерки за да се спречи потполниот колапс во тој регион.
Според податоците на Светската банка, невработеноста во Газа е поголема од 50 отсто, а над 70 отсто кога е во прашање популацијата на младите.