Ikrame Imane Kouachi
26 Јули 2024•Ажурирај: 27 Јули 2024
РАМАЛА (АА) - Мустафа Мухамед Абу Ара, лидер на Хамас, е убиен во израелски затвор, објавија денес палестинските организации што се занимаваат со прашањата за затворениците, јавува Анадолу.
„Убиен е административниот затвореник Мустафа Мухамед Абу Ара (63) од градот Акаба во провинцијата Тубас, во северниот дел на Западниот Брег“, се вели во заедничкото соопштение на Комисијата за прашања за затворениците и Здружението на палестинските затвореници.
Се наведува дека Ара „починал откако од израелскиот затвор Рамон бил пренесен во болницата Сорока поради сериозно влошување на здравствената состојба“.
Ара, лидер на Хамас и поранешен затвореник, беше приведуван неколкупати од 1990 година. Последен пат беше приведен на 30 октомври минатата година од неговиот дом.
Палестинските организации изјавија дека пред апсењето Ара имал тешки здравствени проблеми кои барат интензивен медицински надзор.
Во соопштението тие истакнаа дека „Абу Ара, како и сите затвореници, се соочил со невидени злосторства и процедури од почетокот на војната за истребување во Газа, вклучително и тортура, глад и медицинска негрижа, кои биле основни причини за смртта на затворениците во израелските затвори и логори“.
Наведено е дека со убиството на Ара бројот на убиени затвореници од 7 октомври 2023 година се зголемил на 19.
Прекршувајќи ја резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се бара итен прекин на огнот, Израел се соочи со меѓународна осуда поради континуираната брутална офанзива врз Газа по нападот на Хамас на 7 октомври.
Според локалните здравствени власти, оттогаш се убиени повеќе од 39.200 Палестинци, главно жени и деца, а над 90.400 се повредени.
По повеќе од девет месеци од почетокот на израелскиот напад огромни делови од Газа се во урнатини, а постои блокада за храна, чиста вода и лекови.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата, кој му нареди на Тел Авив веднаш да ја прекине воената операција во јужниот град Рафа, каде што повеќе од еден милион Палестинци побараа засолниште од војната пред да биде нападнат на 6 мај.