свет

Палестински експерти за новоусвоениот израелски Закон за „еврејска држава-нација“

„Палестинците во Израел ќе бидат предмет на зголемена дискриминација, додека колективното раселување на Палестинците (од нивната земја), само ќе се забрза“, изјави палестинскиот аналитичар Талат Окал

Mahmoud Barakat  | 21.07.2018 - Обновена : 22.07.2018
Палестински експерти за новоусвоениот израелски Закон за „еврејска држава-нација“

Ramallah

РАМАЛА (АА) - Новиот Закон на Израел, за „еврејска држава-нација“, ветува влегување во нова фаза на антиарапска дискриминација и уште повеќе ќе го поткопа мировниот процес на Блискиот Исток, велат палестинските експерти.

Палестинскиот политички аналитичар Талат Окал, за Anadolu Agency (АА) изјави дека Законот се базира на погрешниот став на ционистите „земја без луѓе за луѓе без земја“.

За последиците на ваквото законодавство, Окал изјави: „Палестинците во Израел ќе бидат предмет на зголемена дискриминација, додека колективното раселување на Палестинците (од нивната земја), само ќе се забрза.“

Тој предупреди дека новиот закон, само ќе служи да се легитимира иселувањето на Палестинците од нивната земја, за да се направи пат за новите еврејски населби.

Израелскиот Парламент (Кнесет), со 62 гласа „за“ и 55 „против“, го усвои Нацрт-законот кој Израел го дефинира како „еврејска држава-нација“, а кој предизвика големи полемики и критики во тој регион.

Со спорниот закон, хебрејскиот јазик е прогласен за единствен официјален јазик, додека арапскиот го изгуби тој статус. Се охрабрува изградбата на еврејските населби и цел Ерусалим (Кудс) се прогласува за главен град на Израел.

Арапската заедница во Израел е длабоко огорчена од усвојувањето на контроверзниот закон.

Палестинскиот писател и политички аналитичар Абдел Маџид Свеилам, Законот го окарактеризира како фашистички по природа, предупредувајќи дека тој официјално ќе стави крај на мировниот процес.

Тој повика на укинување на ваквиот закон, нагласувајќи дека меѓународниот закон го отфрла воспоставувањето на каков било политички режим врз основа на раса или етничка припадност.

Додаде дека со контроверзниот закон, повеќе нема да има ништо што ќе ја спречи израелската Влада официјално да ја поддржи изградбата на населбите кои илегално се градат на палестинската земја во окупираниот Западен Брег.

Професорот по политички науки на Универзитетот „Бирзеит“ во Рамала, Џихад Харб, изјави дека Законот со сигурност ќе спречи каков било потенцијален мировен договор со Палестинците.

„Тоа значи дека за статусот на Ерусалим (Кудс) не може да се преговара во контекст на идниот мировен договор“, рече тој.

Политичкиот аналитичар и истражувач Сулејман Башарат, предупреди на негативниот ефект на Законот врз израелско-палестинските односи.

„Законот ќе ја поттикне еврејската дискриминација против Палестинците и нивното раселување, особено во мешаните градови во кои Палестинците во моментот живеат заедно со Евреите“, изјави Башарат.

„Овој закон ќе ѝ овозможи на државата да ги третира граѓаните кои не се Евреи, како граѓани од втор ред“, додаде тој.

Башарат заклучи дека преку новиот закон, Израел официјално го прекинал мировниот процес и се откажал од можноста за постигнување политичко решение со Палестинците, базирано на меѓунардониот закон.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.