Ekipa
13 Мај 2020•Ажурирај: 14 Мај 2020
РАМАЛА (АА) - Палестинското население порасна по бројност за деветпати од периодот на „Накба“, периодот кога се протерани стотици илјади Палестинци од нивните огништа во историска Палестина, од страна на ционистите во 1948 година, за да се направи простор за новата држава Израел, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според палестинската агенција за статистика во моментот има 13,4 милиони Палестинци, од кои повеќе од половина живеат во историска Палестина (Западниот Брег, Газа и Израел), се вели во соопштението на палестинското Централно биро за статистика.
Палестинско-израелскиот конфликт датира од 1917 година, кога британската Влада, преку познатата Балфорова декларација, повика на „воспоставување на национален дом за еврејскиот народ во Палестина“.
Околу 15.000 Палестинци беа убиени, околу 800.000 раселени, а 531 арапски села уништени во нападите на вооружените еврејски групи во тој период.
Палестинската дијаспора оттогаш стана една од најголемите дијаспори во светот.
Според Агенцијата за бегалци на ОН, УНРВА, бројот на палестински бегалци во 2019 година достигнал 5,6 милиони - речиси третина од веќе регистрираните палестински бегалци.
Палестинското Централно биро за статистика соопшти и дека 28,4 отсто од палестинските бегалци се наоѓаат во 58 кампови на УНРВА - 10 кампови во Јордан, 9 во Сирија, 12 во Либан, 19 на Западниот Брег и 8 во Газа.
Се додава дека бегалците сочинуваат 43 отсто од сите Палестинци кои живеат во Палестина.
Палестинското Централно биро за статистика наведува дека од 1948 година над 100.000 Палестинци загинале во напади и акции на израелските сили.
Денешниот извештај е објавен во пресрет на палестинските подготовки за Денот на Накба кој се одбележува утре.
За многу Палестинци, правото да се вратат во своите домови во историска Палестина не е само клучно политичко барање, туку основно човеково право.