Ekip
14 Февруари 2021•Ажурирај: 14 Февруари 2021
ИСЛАМАБАД
Пакистан најостро го осуди актот на тероризам во кој безбедносните сили на Турција пронајдоа тела на најмалку 13 турски државјани кои крвнички ги убија припадници на терористичката организација ПКК, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Владата и народот на Пакистан изразуваат искрено сочувство на Владата и братскиот народ на Турција како и на семејствата на невините жртви. Пакистан цврсто се солидаризира со народот на Турција во нивната борба против тероризмот", соопшти Министерството за надворешни работи на Пакистан.
Пакистан ја повторува својата недвосмислена осуда на тероризмот во сите облици.
Безбедносните сили на Турција ги пронајдоа телата на најмалку 13 државјани на Турција кои крвнички ги убија припадниците на терористичката организација ПКК. Телата се пронајдени во една од пештерите кои ја користеле терористите на ПКК, во регионот Гара, на северот на Ирак, потврди претходно денес министерот за одбрана на Турција, Хулуси Акар.
Турските сили ја завршија антитерористичката операција „Канџа-Орел 2“ во регионот Гара, што започна во средата.
Министерот за одбрана на Турција, Хулуси Акар, го посети командниот штаб на операцијата, каде што информираше за текот на операцијата.
Акар рече дека во операцијата, што ја опиша како многу специфична и критична, убиени се 48 терористи, двајца се фатени, а регионот претежно е исчистен од терористичките организации.
„Операцијата е завршена. Нашите копнени и воздушни сили безбедно се вратија во своите бази и касарни“, рече Акар.
Тој се осврна и на пронаоѓањето на телата на 13 убиени турски државјани, цивили.
„Во текот на операцијата во една од пештерите што ги користеа терористите на ПКК пронајдени се телата на 13 наши граѓани кои ПКК претходно ги киднапираше. Утврдено е дека еден од нашите невини, невооружени граѓани е убиен со пукање во рамо, останатите 12 со пукање во глава. Тие ги положија своите животи како шехиди (маченици). ПКК уште еднаш го покажа своето подмолно и крвничко лице“, рече Акар.
Тој додаде дека терористите, кои се фатени во текот на операцијата, потврдиле дека егзекуцијата на цивилите ја извршил терорист на ПКК одговорен за пештерата. Сите терористи одговорни за убиството на 13 цивили се неутрализирани во операцијата.
Во текот на терористичката кампања што трае повеќе од 30 години, насочена против Турција, ПКК, која е на листата на терористички организации во Турција, САД и ЕУ, одговорна е за смртта на повеќе од 40.000 луѓе, вклучувајќи жени, деца и постари лица.