КАРАЧИ
Шахид Расам во Одделот на Советот за уметност во Карачи внимателно ги надгледува уметниците кои работат на пренесувањето на позлатениот курански текст изработен од алуминиум на платно, јавува Агенција Анадолија (АА).
Расам, познатиот пакистански уметник, и повеќе од 200 негови соработници од 2017 година работат на нешто, за што тој тврди дека е најголема копија на Куранот во светот, светата книга на муслиманите.
Овој значително тежок проект би требало да биде завршен до 2026 година.
Реткото уметничко дело, што има димензии од околу 2,59 метри должина и околу 1,98 метри ширина, по завршувањето би требало да биде најголемата копија на Куранот. Моменталниот рекорд го држи копијата која е долга 1,98 метри и широка 1,37 метри, изработена во Авганистан, што се наоѓа во џамијата „Кул Шариф“ во рускиот град Казан.
Расам вели дека ова е прв пат, во 1.400-годишната историја на исламот, да се користи алуминиум за курански текст. „Калиграфите порано ги обработувале светите книги користејќи вообичаени материјали (дрво, хартија, животинска кожа и платно)“, објаснува тој.
„Ова е проектот на мојот живот“, рече Расам во разговорот со Агенција Анадолија (АА).
Во последните неколку месеци Расам (49), на кого му биле потребни две години да подготви две страници од копијата на Куранот, во просек поминува десет часа дневно работејќи на проектот.
„Ова е многу повеќе од тежок проект, подеднакво е и чувствителен (во смисла на светоста што ја има Куранот). Мала грешка може да го уништи сиот напор“, рече Расам.
- Инспириран од турската, арапската и иранската уметност
Расам ќе го претстави првиот примерок на своето дело, кое се однесува на куранската сура Ер-Рахман, на саемот во Дубаи 2021 година.
Уметникот од Карачи вели дека изработката е инспирирана од турски, арапски и ирански уметнички мотиви.
„Имаме сопствен дизајн по проучувањето на турскиот, арапскиот и иранскиот дизајн. Не е мешавина од тие дизајни, туку станува збор за инспирација“, рече Расам.
За пренесувањето на 77.430 зборови и 550 страници ќе бидат искористени повеќе од 200 килограми злато, 2.000 килограми алуминиум и 600 ролни платно.
За да се збогати дизајнот ќе бидат користени и други скапоцени камења, вклучително и рубини, сафири и смарагди.
Тој објасни дека ќе биде користена и италијанска техника за застаклување и акрилни бои за да се развие дизајн што ќе трае со векови.
- Значајно од неколку аспекти
Расам кажа дека го подготвил примерокот за изработка на барање на неговиот пријател во 2016 година, кој го поттикнал да го подигне проектот на повисоко ниво.
„Овој проект го започнав сосема сам. Јас сè уште ги трошам сопствените средства. Немаше (финансиска) поддршка од Владата или која било друга институција“, рече Расам кога го прашаа како се снаоѓа со големите трошоци.
Тој додаде дека поединечни влади му помогнале во тој поглед, но не откри имиња.
Вакви ретки и големи проекти секогаш бараат поддршка од државата.
Тој вели дека проектот не е само за верата, туку дека има и културно-уметничка вредност.
„Не е наменет само за муслиманите, туку низ уметноста да ги привлече луѓето од другите религии. Целта е да се истакне исламската уметност и култура“, рече тој.
Кажа дека ќе биде потребен посебен музеј за да биде изложен овој голем примерок.
- Гордеење поради изработката на проектот
Јавад Ахмад Јан, еден од Расамовите соработници, вели дека е горд што работи на ваков исклучителен и редок проект.
„Ваква прилика добивате само еднаш во животот, и горд сум што сум дел од проектот. Само замислете, на самиот почеток од кариерата добивате ваква прилика“, рече тој.
Слично мислење има и Махнор Хан, која две години работи на овој проект.
„Многу сум среќна што сум дел од овој историски проект. Ова е прилика што се пружа еднаш во животот“, смета Хан.