Admir Fazlagic
21 Март 2019•Ажурирај: 22 Март 2019
СКОПЈЕ (АА) - Државниот секретар во Министерството за надворешни работи (МНР) на Република Северна Македонија, Виктор Димовски и скопскиот бискуп на Католичката црква, Киро Стојанов, на денешната прес-конференција во Спомен-куќата на Мајка Тереза во Скопје, информираа за претстојната посета на папата Франциско на Република Северна Македонија, која е најавена за 7 мај оваа година, јавува Anadolu Agency (AA).
Државниот секретар во МНР, Димовски, рече дека за првпат во својата историја, Република Северна Македонија, нејзините граѓани од католичка вероисповест, но и сите други граѓани на чело со претседателот Ѓорѓе Иванов и премиерот Зоран Заев, на 7 мај ќе бидат домаќини на посетата на папата Франциско и на висока делегација од Ватикан.
„Првата посета на Католичката црква, на главниот град на Северна Македонија, претставува голема чест и има силна симболика. Се реализира во годината кога одбележуваме 25 години од воспоставувањето на дипломатските односи и претставува потврда на пријателските односи и соработката заснована на значајни историски врски, споделени духовни вредности и традиции“, изјави Димовски пред новинарите.
„Посетата на Папата ја гледаме како директен придонес кон унапредувањето на регионалниот и светскиот мир и како признание за улогата што Република Северна Македонија ја има во овие процеси“, истакна Димовски.
Според најавеното на прес-конференцијата, папата Франциско и делегацијата на Ватикан на аеродромот во Скопје ќе пристигнат на 7 мај во утринските часови, при што ќе биде организирана соодветна церемонија за добредојде. Официјалната церемонија со највисоките државни почести ќе се организира во претседателската палата на Водно, по што ќе следува средбата со претседателот Ѓорѓе Иванов.
Потоа, Папата ќе оствари средба со претседателот на Владата, Зоран Заев, по што ќе следува средба со претставници на државниот врв, на цивилното општество и на дипломатскиот кор во Северна Македонија.
Агендата на посетата предвидува и посета на Спомен-куќата на Мајка Тереза во Скопје, каде што Папата ќе има средба со лидерите на верските заедници, како и средба со сиромашни граѓани.
Централниот настан, светата миса со која ќе чиноначалствува папата Франциско, ќе се одржи на Централниот плоштад во Скопје. По светата миса, Папата ќе се упати во катедралата „Пресвето срце Исусово“, каде што ќе оствари екуменска и меѓурелигиска средба со претставници на младите луѓе од земјата и регионот кои тој ден ќе бидат во Скопје.
Потоа, Папата ќе има средба со свештениците и нивните семејства, како и со лицата од Католичката црква, по што ќе следува официјалното испраќање на делегацијата со соодветна церемонија на аеродромот во Скопје.
За посетата на папата Франциско на Спомен-куќата на Мајка Тереза, бискупот Стојанов истакна дека на тоа место се предвидени две значајни средби, со верските поглавари и со сиромашните.
„Сметам дека тоа е голем чекор за освестување дека Мајка Тереза е наша сограѓанка, а сиромашните, наши најблиски браќа и сестри, без да ги делиме според етничка и верска припадност, туку така како што Мајка Тереза направи кога отпатува од ова место во далечната Индија и се грижеше за сите кои имаат потреба“, рече тој.