Mustafa Melih Ahıshalı
19 Мај 2017•Ажурирај: 20 Мај 2017
ТЕХЕРАН (АА) - Во Иран, утрово во осум часот по локално време беа отворени избирачките места на кои граѓаните во оваа земја ќе гласаат за нов претседател, јавува Anadolu Agency (AA).
Иранците ќе бидат во можност да ја исполнат својата граѓанска должност на вкупно 63.000 избирачки места, или 130.000 гласачки кутии, до вечерва во 20 часот.
Право на глас во Иран имаат сите лица со навршени 18 години, а според податоците на изборната комисија во оваа земја, право на глас на изборите имаат 56.410.234 регистрирани гласачи.
Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хаменеи гласаше во Техеран, а во изјавата за медиумите, по гласањето, ги повика сите граѓани на Иран да излезат на изборите.
Се очекува изборната трка да помине во борба меѓу актуелниот претседател и умерен реформист, Хасан Рухани, и Ибрахим Раиси, најзначајниот политички актер на конзервативното крило во земјата.
На листата на кандидати уште се наоѓаат и Мустафа Мирселим и Мустафа Хашимитеба.
Иранците на денешните избори гласаат и за покраинските советници.