Sinan Doğan
15 Јуни 2022•Ажурирај: 15 Јуни 2022
БОГОТА (АА) – Во Колумбија од почетокот на март 80 лица загинаа, а 10 исчезнаа во обилните дождови и свлечишта кои продолжуваат низ целата земја, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според последниот извештај на Националната единица за управување со ризици од катастрофи (UNGRD), регионите Кундинамарка, Антиокија и Сантандер се најмногу погодени од обилни дождови и лизгање на земјиштето.
Како последица на силните поплави и свлечишта, од март досега животот го загубија 80 лица, а 10 се водат како исчезнати.
Во земјата вкупно 418 места се сериозно оштетени од обилните дождови.
Од врнежите и одроните во овие региони оштетени се 16.295 куќи.
Според извештајот, од катастрофата оштетени се 730 автопати, 72 моста, 37 пешачки премини, 90 аквадукти, 37 канализации, 108 образовни институции и 7 здравствени домови.
Во Колумбија секоја година, поплавите и лизгањето на земјиштето како последица на обилните дождови предизвикуваат многу жртви и сериозни штети.