Gökhan Kavak
25 Ноември 2021•Ажурирај: 26 Ноември 2021
ИСТАНБУЛ (АА) – Канцеларијата за Светската програма за храна (WFP) на Обединетите нации (ОН) во Етиопија соопшти дека во следните две недели ќе обезбеди помош во храна за 450 илјади граѓани на Етиопија, кои се погодени од конфликтите меѓу владините сили и Народниот фронт за ослободување на Тиграј (ТПЛФ), пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението што го објави Канцеларијата на Светската програма за храна во Етиопија, се нагласува дека помошта во храна ќе биде доставена до луѓето на кои им е потребна во регионите Деси и Комболча.
Се наведува дека 450.000 граѓани на Етиопија погодени од конфликтите во земјата ќе добијат помош во храна во следните две недели.
Досега Светската програма за храна обезбеди помош во храна за 2,9 милиони луѓе во Тиграј, 220.000 луѓе во Амхара и 124.000 луѓе во Афар. Во соопштението се повикуваат и другите меѓународни организации за да помогнат за Етиопија.
Етиопската Влада прогласи вонредна состојба во земјата на 2 ноември поради нападите на бунтовниците на ТПЛФ кои продолжија со нивното напредување на север.
Формирани се одбранбени единици против можни напади на ТПЛФ врз главниот град Адис Абеба.
Во конфликтите кои траат повеќе од една година на северот на земјата раселени се околу 2,5 милиони луѓе, а повеќе од 5 милиони луѓе во регионот имаат потреба од итна помош.