Mehmet Alaca
21 Декември 2022•Ажурирај: 21 Декември 2022
ЊУЈОРК (АА) - Роза Отунбаева, специјална претставничка на Обединетите нации (ОН) за Авганистан, изјави дека Талибанците не прифаќаат меѓуавганистански дијалог за да се формира инклузивна влада, јавува Агенција Анадолија (АА).
Отунбаева пред Советот за безбедност на ОН рече дека „де факто власта“ во Авганистан верува дека владата има адекватна застапеност.
Таа рече дека Талибанците не прифаќаат меѓуавганистански дијалог за формирање инклузивна влада.
Изразувајќи загриженост за неодамнешните активности на терористичката организација ДЕАШ во Авганистан, Отунбаева рече дека Талибанците ја контролираат земјата, но дека не можат задоволително да ги нападнат терористичките организации кои дејствуваат во Авганистан.
Мартин Грифитс, помошник-генерален секретар на ОН за хуманитарни прашања, ја опиша мрачната слика за хуманитарната ситуација во Авганистан во неговиот брифинг пред Советот за безбедност.
Грифитс рече дека 97 отсто од Авганистанците живеат во сиромаштија и дека 20 милиони луѓе во земјата се соочуваат со тежок глад.
На жените и на девојчињата во Авганистан им се ускратени многу права, вклучително и образованието, додека економијата на земјата е тешко погодена бидејќи меѓународната финансиска помош е скратена откако Талибанците ја презедоа власта на 15 август 2021 година. Во тој процес, илјадници жени останаа без работа во државните институции и во приватниот сектор.
САД ги замрзнаа девизните резерви на Авганистанската централна банка во вредност од 7 милијарди долари како дел од санкциите против Талибанците.
Експертите за човекови права на ОН ги повикаа Соединетите Американски Држави да ја прекинат оваа практика и да ги одмрзнат авганистанските девизи.