Sm Najmus Sakib
29 Јануари 2026•Ажурирај: 30 Јануари 2026
ДАКА (АА) – Претставник на Агенцијата за бегалци на Обединетите нации (ОН) побара поголема самоодржливост во однос на ресурсите и можностите за егзистенција за бегалците Рохинџи кои живеат во регионот Кокс Базар во југоисточниот дел на Бангладеш, во услови на драстично намалување на количините на хуманитарна помош, јавува Анадолу.
Овие ставови беа изнесени на вчерашниот состанок помеѓу привремениот лидер на Бангладеш, Мухамед Јунус и новоименуваниот претставник на УНХЦР во земјата, Иво Фрејсен, се вели во соопштението издадено денес од Кабинетот на Јунус.
Фрејсен ја нагласи потребата од зајакнување на иницијативите за поголема самостојност во однос на ресурсите во населбите со Рохинџи бидејќи недостигот на средства сериозно ги оптоварува хуманитарните операции.
Јунус истакна дека кризата со Рохинџите повеќе не го добива соодветното меѓународно внимание и побара од Агенцијата за бегалци на ОН активно да се залага за олеснување на безбедното враќање на бегалците.
Тој порача дека репатријацијата на повеќе од еден милион бегалци Рохинџи во нивната татковина во државата Ракин во Мјанмар „останува единствено одржливо решение за кризата“.
Бангладеш е домаќин на повеќе од 1,3 милиони бегалци Рохинџи на југоисточниот брег откако тие побегнаа по пучот во Мјанмар во август 2017 година. Оттогаш не е извршена ниедна репатријација, додека меѓународното финансирање на хуманитарната поддршка е намалено.
Светската програма за храна на ОН ги намали оброците за бегалците во 2023 година и продолжи со приспособување на помошта до 2025 година поради намалените глобални средства и придонеси од донаторите.
Претходно Светската програма за храна ги намали оброците за половина поради сериозен недостиг на средства, делумно поттикнат од одлуките на американската администрација да ја ограничи поддршката за УСАИД, кој е главен снабдувач на помош за Рохинџите.
Иако подоцна бројот на испорачани оброци беше повторно нормализиран по новите ветувања за финансирање, неизвесноста продолжува.
Според Светската програма за храна, доколку не се обезбедат нови средства, количините на хуманитарни оброци за бегалците Рохинџи би можеле да се намалат од април оваа година.