Bayram Altuğ
12 Септември 2017•Ажурирај: 13 Септември 2017
ЖЕНЕВА (АА) - Портпаролот на Канцеларијата за координација на хуманитарните прашања на Обединетите нации (ОН), Леонард Дојл, соопшти дека од 25 август од насилствата во Мјанмар во соседен Бангладеш пребегале 370.000 аракански муслимани, јавува Anadolu Agency (AA).
Дојл, во канцеларијата на ОН во Женева одржа прес-конференција на која предупреди на брзо растечкиот број на бегалци од Мјанмар кои доаѓаат во Бангладеш.
Тој појасни дека бројот на бегалците расте брзо бидејќи многу бегалци во последните неколку дена не се регистрирани при преминувањето на границата, и дека сега интензивно се пријавуваат кон центрите за колективно домување во кои се дели хуманитарна помош.
На новинарите во Женева преку видео-линк од Бангладеш им се обрати претставникот на УНИЦЕФ, Леан Либи, кој рече дека не постојат никакви индикации дека бранот бегалци од Аракан кон Бангладеш би можел да запре.
„Се соочуваме со бран на бегалци од невидени размери. Дури 60 отсто од бегалците се деца. Многу деца се болни и преживуваат тешки трауми“, истакна Либи.
Укажувајќи на проблемите со недостатокот на вода за пиење и храна во бегалските кампови, Либи нагласи дека за 20.000 деца од Аракан потребна е итна помош, и дека за 68.000 од овие деца треба да се организира продолжување на образовниот процес.