Betül Yürük
16 Мај 2020•Ажурирај: 17 Мај 2020
ЊУЈОРК (АА) - Либискиот комитет за спроведување санкции при Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) соопшти дека две компании со седиште во Дубаи испратиле платеници од Запад во земјата за да го поддржат водачот на илегалните вооружени сили, Калифа Хафтар, за да го преземе Триполи, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во тајниот извештај на Либискиот комитет за спроведување санкции, до кој стигна медиумот „Блумберг“ со седиште во САД, се истакнува дека странските платеници се поврзани со компаниите „Lancaster 6 DMCC“ и „Opus Capital Asset Limited FZE“.
Во извештајот се наведува дека платениците во јуни 2019 година, во име на добро финансирана приватна воена компанија заминале за Либија за да го поддржат Хафтар.
Двајца дипломати кои не сакаа да бидат именувани, истакнаа дека компаниите „Opus“ и „Lancaster 6“ ги поддржале силите на Хафтар со хеликоптери и беспилотни летала.
Дипломатите исто така наведоа дека платениците од Запад, со софистицирани операции, хеликоптери и чамци треба да ја стопираат испораката на оружје до либиската Влада, која е поддржана од Турција.
Се забележува дека тим од околу 20 лица предводени од јужноафриканскиот државјанин, Стив Лоџ, пристигнале во Либија кон крајот на јуни 2019 година и неколку дена подоцна одеднаш заминале во Малта.
Експертите на ОН, според извештајот, не биле во можност да ја утврдат причината за ова ненадејно повлекување.
Во веста во која се вклучени и информации за платениците од запад, се вели дека „Lancaster 6“ ја водел поранешниот австралиски пилот на воздушните сили, Кристијан Дурант.
Исто така во извештајот се наведува дека во Либија се испратени 6 стари воени хеликоптери и дека Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) го снабдувале Хафтар преку таен воздушен мост.
Експертите на ОН, од почетокот на јануари испитуваат најмалку 37 летови, поради наводите дека носеле оружје.
Дипломатите кои дадоа информации за извештајот, изјавија дека летовите за кои станува збор биле извршени за мешовити компании регистрирани во Обединетите Арапски Емирати, Казахстан и Британските Девствени Острови за да се скрие испораката на воена опрема.
Во Либија владеат судири меѓу меѓународно признатите либиски владини сили и силите поврзани со Хафтар.