Hasan Esen
16 Мај 2020•Ажурирај: 18 Мај 2020
ЛОНДОН (АА) – Во Велика Британија ќе се истражува дали кучињата со нивното чувство за мирис ќе можат да го детектираат новиот вид коронавирус, Ковид-19, кај луѓето пред да се појават симптомите, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според писмената изјава од Министерството за здравство, кучињата кои ќе бидат специјално обучувани ќе бидат дел од новата студија за вирусот.
Државата ќе обезбеди 500.000 фунти средства за студијата, во која ќе соработуваат Лондонската школа за хигиена и тропска медицина, Универзитетот „Дарам“ и истражувачкиот центар наречен Кучиња за медицинска дијагноза.
Студијата ќе испита дали кучињата кои можат да дијагностицираат болести како што се карцином, маларија и Паркинсонова болест можат да детектираат и коронавирус кај луѓето пред да покажат симптоми.
Во првата фаза од студијата ќе се земаат примероци од мирис од луѓе со и без симптоми на коронавирусот. Потоа 6 кучиња ќе бидат обучувани за да можат да го детектираат вирусот. Доколку бидат успешни, кучињата ќе се користат за борба против епидемијата.