Ömer Faruk Yıldız
26 Октомври 2021•Ажурирај: 27 Октомври 2021
ЖЕНЕВА (АА) - Обединетите нации (ОН) ги повикаа соседните земји да ја зголемат помошта за авганистанските цивили кои поради безбедносни причини ја напуштаат земјата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Гласноговорникот на Високиот комесаријат на Обединетите нации за бегалци (УНХЦР), Бабар Балоч, зборуваше на онлајн конференцијата за новинарите од седиштето на ОН во Женева и се осврна на актуелната ситуација во Авганистан.
Нагласувајќи дека пакистанската Влада ја поздравила одлуката за олеснување на мерките на граничните премини и за пратките на храна од авганистанската граница во Пакистан, Балоч рече дека одлуката за олеснување на мерките на граничните премини ќе спаси голем број авганистански цивили од падот во рацете на трговците со луѓе.
Балоч истакна дека Иран и Пакистан се прибежиште за 90 проценти од вкупниот број авганистански бегалци во светот.
„Потребна е поголема меѓународна поддршка за пружање заштита на повеќе од 1,4 милиони авганистански бегалци во Пакистан и на околу 800.000 во Иран. Соседните земји на Авганистан би требало да ја зголемат својата помош за авганистанските цивили кои ја преминуваат границата поради сигурност“, рече Балоч.
Според предвидувањата на ОН, од ноември 22,8 милиони луѓе, што е 55 проценти од населението во Авганистан, ќе бидат соочени со сериозна криза за храна. Во еден од извештаите се наведува дека досега 18,8 милиони луѓе во земјата се во тешка криза на глад.
По процесот што започна со повлекувањето на меѓународните сили од Авганистан оваа година во рамките на мировниот договор постигнат помеѓу САД и талибанците во февруари 2020 година, талибанците го опколија главниот град Кабул и го зедоа градот под контрола без судири откако претседателот Ашраф Гани ја напушти земјата на 15 август.
Соединетите Американски Држави го завршија своето повлекување од Авганистан на 31 август.