Betül Yürük
19 Мај 2021•Ажурирај: 20 Мај 2021
ОБЕДИНЕТИ НАЦИИ
Заменик-генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) задолжен за хуманитарни прашања, Марк Ловкок, изјави дека во Газа, каде што 2 милиони лица веќе 13 години се изолирани од останатиот дел во светот, нема ниту едно безбедно место, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Ловкок преку писмено соопштение нагласи дека зголемените тензии помеѓу Израел и Палестина предизвикаа големи загуби, опишувајќи го како одвратно насилството кое предизвика цивилни загуби, меѓу кои и деца.
Тој рече дека судирот треба веднаш да се запре, и дека воздушните напади и ракетите не може да донесат ништо друго освен смрт, разурнувања и трауми.
Ловкок упати апел до страните за почитување на меѓународното право и за заштита на цивилите.
„Длабоко сум загрижен од израелските бомбардирања кои се вршат во многу кратки интервали врз Газа. Во Газа каде што 2 милиони лица веќе 13 години се изолирани од останатиот дел во светот, нема ниту едно безбедно место“, нагласи Ловкок.
Според него, не е прифатливо ниту тоа што вооружените групи лансираат ракети во густо населените зони во Израел, и дека тоа треба да запре.
Ловкок рече дека во Газа се раселени над 58.000 лица кои според него се засолнети во училишта.
Тој упати апел за отворање на граничните премини Керм Ебу Салим и Бејт Ханун (Ерез), со цел влегување на хуманитарната помош во Газа.