Merve Gül Aydoğan Ağlarcı
14 Февруари 2022•Ажурирај: 15 Февруари 2022
АНКАРА (АА) - Гласачите во Швајцарија вчера, со големо мнозинство, го отфрлија референдумот за забрана на тестирања врз животни, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според швајцарската новинска агенција „Свисинфо“, најмалку 79 проценти од гласачите ја отфрлиле инцијативата за забрана на „секакво експериментирање врз животни и луѓе и запирање на увоз на какви било нови производи развиени со користење на такво тестирање“.
Во меѓувреме, само 20,9 проценти од гласачите гласале „да“ за иницијативата за забрана која се обидува да ги „запре тестирањата, велејќи дека тие се неетички и непотребни“.
Коментирајќи го гласањето, сенаторката од Луцерн, Андреа Гмур, за швајцарската новинска агенција „Кистоун-СДА“ изјави дека „швајцарските граѓани сфатиле дека забраната би го загрозила здравјето на животните и луѓето“.
Пратеникот од Швајцарската народна партија, Мартин Хаб, рече: „Ова покажува дека луѓето се свесни за последиците врз нивното здравје ако иницијативата се прифати“.
Ренато Верндли, лекар од североисточна Швајцарија и копретседател на одборот што го започна референдумот, изрази разочарување поради резултатите.
„Срамота е. Швајцарија можеше да биде првата земја што ќе го забрани тестирањето врз животните“, рече Верндли за швајцарското државно радио РТС.
Според Федералната канцеларија за безбедност на храна и ветеринарство на Швајцарија, околу 556.000 животни биле користени во експериментални цели минатата година, голем број од нив биле глувци (346.000), птици (66.000) и стаорци (52.000).
Швајцарските граѓани вчера излегоа да гласаат и на референдумот за забрана на рекламирање на тутунски производи.
Локалните медиуми објавија дека најмалку 56,6 отсто од гласачите се „за“, додека 43,4 проценти гласале „против“.
Со резултатите добиени од референдумот ќе се прошири опсегот на забраната за рекламирање на тутунски производи во Швајцарија.