Haydar Karaalp
27 Декември 2018•Ажурирај: 28 Декември 2018
БАГДАД (АА) - Американскиот претседател Доналд Трамп, по одлуката за повлекување на американските војници од Сирија изјави дека плановите насочени кон Сирија ќе бидат спроведени со операции преку Ирак, по што вниманието се сврте кон американското воено присуство во Ирак.
Трамп, заедно со својата сопруга Меланија вчера ја посети воената база во покраината Енбар, каде што се сретна со американските војници.

- САД во Ирак имаат девет воени бази
Познато е дека САД, кои во март 2003 година го окупираа Ирак, со цел да го соборат режимот на Садам Хусеин, денес во оваа земја имаат девет воени бази. Иако САД се повлекоа од Ирак во 2011 година, во оваа земја нивното воено присуство е зацврстено во воените бази. САД во моментов имаат околу 5.000 војници во Ирак.
Покрај воената воздухопловна база „Виктори“, сместена во близина на меѓународниот аеродром „Багдад“ во главниот ирачки град, САД во подрачјето Таџи имаат воена база „Таџи“, која е наменета за обука. Во западниот дел на земјата, во покраината Енбар, САД имаат уште две воени бази, „Ел Хабаније“ и „Ајнул Асад“, кои започнаа активно да ги користат во летото 2014 година, за време на нападите врз ДЕАШ.
Американските војници ја користат и воздухопловната база „Белед“ во покраината Салахадин.
САД, кои го окупираа Ирак, покрај воената база „К1“ во Киркук, своето присуство во оваа земја го покажуваат и преку воените бази во околината на Мосул, втор по големина град во оваа земја. Силите на САД во Мосул се присутни во воената база „Кајара“.
- Во Ербил имаат две воени бази
По изјавата на Трамп дека ќе бидат повлечени американските војници од Сирија, на дневен ред дојдоа базите во кои се присутни американските војници, меѓу кои е и воздухопловната база „Харир“ во Ербил. САД имаат воена база и на меѓународниот аеродром во Ербил.
САД, пред да ја преземат под своја контрола воздухопловната база „Харир“, изведоа проширување на пистата, по што започнаа активно да ја употребуваат. На базата „Харир“ во Ербил се гледа како сосема безбедна воена база за САД, бидејќи се наоѓа на подрачје кое во однос на останатите подрачја во Ирак е под многу помала закана од ДЕАШ.
Покрај тоа што е безбедна, оваа база се наоѓа на 227 километри од граничниот премин „Фишабур“, меѓу северниот дел на Сирија и Регионалната курдска управа на северниот дел на Ирак (IKBY), и истовремено тоа е американска воена база која во северниот дел на Ирак е најблиску до границата со Сирија.
Сермет Бејати, ирачки експерт за безбедност, во разговор со новинарот на АА рече дека по изјавата на претседателот Трамп „Доколку сакаме нешто да направиме во Сирија, ќе го користиме Ирак како база“, сосема се јасни причините на ненадејната посета на воената база во Ербар. Бејати истакна дека таквата изјава значи дека САД трајно се позиционираат во Ирак и дека ќе го користат тој простор.
Бејати, истакнувајќи го фактот дека американските официјални претставници не го соопштиле бројот на американските воени бази поради безбедносната политика, ја даде следната проценка „Се знае дека САД во Ирак имаат девет бази, но и покрај постоечките бази во Енбар, тие во оваа покраина градат уште две бази. САД постоечките бази во Енбар ги користат многу активно, и во нив има околу 4.000 војници.“
Вчера претседателот на САД, Трамп, имаше ненадејна посета на воената база „Ејнул Асад“ во Ирак, каде што се сретна со американските војници. Трамп, по ненадејната посета во времетраење од 3,5 часа, го напушти Ирак без да се состане со владините претставници.
Во однос на причината поради која се наоѓа во Ирак, Трамп изјави „Посакав да ги посетам нашите војници и да им ја истакнам мојата почит кон нив.“ За време на средбата со американските војници, Трамп рече „Немаме никаков план за повлекување од Ирак. Доколку посакаме да направиме нешто во Сирија, ќе го користиме Ирак како база.“
Во изјавата Трамп се осврна и на Сирија, велејќи дека од него било побарано дополнително време за повлекување од Сирија, што тој не го прифатил, давајќи го следниот коментар „Имав многу добар разговор со претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, кој сака да ја отстрани ДЕАШ од тие простори. Тој и другите ќе го направат тоа, бидејќи ние сме во нивно подрачје. Потребно е товарот и цената тие да ги понесат, но не го прават тоа. САД не можат да продолжат да бидат светски полицаец.“