Michael Hernandez
02 Август 2016•Ажурирај: 03 Август 2016
ВАШИНГТОН (АА) - Од Пентагон, седиштето на американското Министерство за одбрана, е потврдено дека американскиот претседател Барак Обама одобрил нови воздушни напади врз позициите на терористичката организација ДАЕШ во Либија на барање на либиската влада, пренесува Anadolu Agency (AA).
Обама ги одобри нападите по препорака на американскиот министер за одбрана Ештон Картер и претседателот на здружениот Генералштаб на САД, генерал Џозеф Данфорд, соопшти портпаролот на Министерството за одбрана, Питер Кук.
Според него, првиот круг од „прецизните воздушни напади” на ДАЕШ во Либија ќе бидат изведени врз упориштата на терористите во градот Сирт, кој се наоѓа помеѓу градовите Бенгази и Триполи.
Инаку, Сирт беше центар на судирите меѓу припадниците на ДАЕШ и воените сили кои неодамна ги воспостави либиската Влада на национално единство.
Говорејќи за новите воздушни напади, шефот на претседателскиот совет на Либија и премиер на Владата на национално единство Фајез Мустафа ал-Сараџ, во соопштението истакна дека „нападите нанесоа значителна штета во редовите на ДАЕШ”, без наведување детали.
Акцијата, наводно, ќе се спроведува „во одреден временски рок и главно ќе биде ограничена на Сирт”.
„Соединетите Американски Држави (САД) се заедно со меѓународната заедница кога станува збор за поддршката на единствената влада на Либија, бидејќи таа се обидува да ја поврати безбедноста и стабилноста во земјата”, заклучи Кук.