Hakan Çopur
29 Септември 2016•Ажурирај: 30 Септември 2016
ВАШИНГТОН (АА) - Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Барак Обама, изјави дека терористичките организации како ДАЕШ и Ал Каеда манипулираат со исламот заради свои цели и интереси, пренесува Anadolu Agency (AA).
Обама гостуваше во програмата на телевизијата Си-ен-ен, каде што зборуваше за американската надворешна политика и за приоритетите на безбедноста на неговата земја.
Зборувајќи за сириската криза, Обама истакна дека по тоа прашање, приоритет на САД е безбедноста на американските војници.
„Секаде во светот се случуваат лоши работи. За време на донесувањето на проценките, мораме да видиме дали испраќањето на американските војници во тие региони ќе ни донесe добри резултати. Сите страни во Сирија добро увидоа: во случај да не испратиме голем број наши војници, нема сценарио за спречување на граѓанската војна“, порача Обама.
Тој истакна дека не е можно воено решение, и дека е најдобро дипломатското решение на ситуацијата во Сирија.
„Во многу делови на светот ќе дојде до безбедносни предизвици коишто нема директно да влијаат на нас. Во тој случај, мораме да им помогнеме на (засегнатите земји), но наш одговор на тоа нема да биде испраќањето на поголем број војници“, изјави Обама.
Американскиот претседател истакна дека ги следи критиките на сметка на САД дека во даденото време не дале доволно поддршка за умерената опозиција во Сирија, на што изјави дека проблемот е всушност во тоа што Русија и Иран даваат поддршка на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад.
„Секоја наша интервенција, во време кога кон нас не е насочена директна закана, би изгледала како кршење на меѓународното право или окупација. Таквата ситуација во која се вклучени Русија и Иран, не би можела да биде продолжена“, изјави Обама.
На прашањето зошто никогаш не го користи терминот „исламски тероризам“, американскиот претседател порача дека тој термин не го користи бидејќи е „измислен“.
„Терористичките организации како ДАЕШ и Ал Каеда манипулираат со исламот поради свои цели и интереси. Тоа се луѓе кои убиваат деца и муслимани, а жените ги користат како сексуални робинки. Ниту една вера не може да има причина да го легитимира она што тие го прават“, порача Обама и нагласи дека терористичките организации како ДАЕШ, кои зборуваат во име на исламот, не се муслимани.
Во врска со одбивањето на ветото на законот што на семејствата на жртвите во нападот на 11 септември 2001 година, им дозволува да ја тужат Саудиска Арабија, Обама изјави дека поминувањето на таков закон било грешка. Тој додаде дека администрацијата на Саудиска Арабија не ја смета како „спонзор на тероризмот“.