свет

Нормализирање на ситуацијата во Казахстан: Вонредната состојба укината во уште четири региони

Животот во Казахстан полека се враќа во нормала, а банките и девизните бироа се отворија. Целосно се отстранети ограничувањата за пристап до интернет, а со работа почнаа и рестораните, кафетериите, трговските и забавните центри

Meiramgul Kussainova  | 14.01.2022 - Обновена : 17.01.2022
Нормализирање на ситуацијата во Казахстан: Вонредната состојба укината во уште четири региони

НУР СУЛТАН (АА) - Властите на Казахстан денеска во уште четири региони ја укинаа вонредната состојба која беше воведена на 5 јануари поради немирите кои избија за време на масовните протести организирани поради зголемувањето на цените на течниот нафтен гас, јавува Агенција Анадолија (АА).

Вонредната состојба е укината во покраините Чимкент, Туркистан, Караганди и Источен Казахстан, а претходно тоа беше сторено во Западен Казахстан, Павлодар и Северен Казахстан.

Поради немирите, ангажирана е и Мировната мисија на Договорот за колективна безбедност, а тие сили од вчера се повлекуваат од Казахстан.

Вчера руските мировници полетаа од аеродромот во Алмати, а денеска од Казахстан заминуваат и мировниците од Киргистан, Белорусија, Таџикистан и Ерменија.

Животот во Казахстан полека се враќа во нормала, а банките и девизните бироа се отворија. Целосно се отстранети ограничувањата за пристап до интернет, а со работа почнаа и рестораните, кафетериите, трговските и забавните центри.

Надлежните градски служби продолжуваат да ги чистат улиците на Алмати, кој беше најтешко погоден од немирите за време на протестите. Работите на реновирање на зградата на покраинската Влада во Алмати, која беше запалена за време на протестот, се во тек, а сообраќајот е отворен и на Централниот градски плоштад. Аеродромот во Алмати ја нормализира својата работа.

Се проценува дека немирите, кои казахстанските власти ги нарекуваат терористички напади, нанеле економска штета на Казахстан во износ од над 217 милиони долари.

Казахстанските сили продолжуваат да спроведуваат антитерористички операции во Алмати и Јамбил, а досега од слобода се лишени повеќе од 10.000 луѓе. Властите во Казахстан не ги потврдија наводите на медиумите дека најмалку 164 лица ги загубиле животите во немирите во земјата.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.