Ekipa
16 Ноември 2022•Ажурирај: 17 Ноември 2022
ЛОНДОН (АА) - Норвешка потпиша договор со Соединетите Американски Држави (САД) во вредност од 500 милиони долари за набавка на ракети за борбените авиони Ф-35, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Ова е многу важен договор и за одбранбените способности на Норвешка и за американско-норвешката соработка во одбраната“, истакна министерот за одбрана, Бјорн Арилд Грам.
Осло нагласи дека ракетите АМРААМ-Д ќе служат како главно оружје за одбрана на норвешкиот воздушен простор во наредните неколку децении и дека претставува најголема набавка на оружје досега за Норвешките вооружени сили.
„Задоволни сме што Норвешка сега исто така ќе има пристап до такви напредни ракети и што реализираме обемно купување на ракетите воздух-воздух со среден дострел (АМРААМ) што ќе го комплетира потенцијалот на Ф-35“, рече Грам, додавајќи дека тоа за возврат ќе ги зајакне „идните одбранбени способности на земјата“.
Тој нагласи дека тоа е особено важно во однос на актуелната безбедносна ситуација.
Според Министерството за одбрана, АМРААМ-Д е унапредена верзија на ракетата што претходно е користена од борбените авиони Ф-16 и системот за противвоздушна одбрана НАСАМС.
Ф-35 е опремен со сензори кои му овозможуваат да лоцира и идентификува поширок опсег на закани на многу поголеми растојанија од претходните авиони.
Според Министерството, ракетите ќе бидат испорачани до 2028 година како дел од пошироката програма „Џоинт страјк фајтер“ (Joint Strike Fighter).