Emre Aytekin
06 Ноември 2020•Ажурирај: 10 Ноември 2020
АНКАРА
Луис Арсе, претседателот на Боливија кој победи на изборите одржани на 18 октомври како кандидат на партијата Движење кон социјализам, доживеа напад со динамит, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според веста објавена на интернет-страницата на телевизискиот канал „Телесур“, Себастијан Мишел, портпаролот на партијата Движење кон социјализам, соопштил дека експлодирал динамит за време на состанокот што се одржувал во седиштето на партијата во градот Лаз на кој учествувал и новоизбраниот претседател Арсе.
Портпаролот Мишел информирал дека нема повредени во експлозијата.
Избегнувајќи да даде коментар за Владата под раководство на привремената претседателка на Боливија, Жанин Ањес, Мишел го дал следниот коментар: „Сѐ уште не чувме некаква изјава од министерот за внатрешни работи, Артуро Мурило. Се чувствуваме потполно незаштитени. Никој не ни ја дава заштитата што ни е потребна.“
Обидот за напад дојде по протестите кои не ја признаваат победата што Арсе ја извојува на изборите.
Во последно време извршени се неколку напади и акти на насилство врз синидикати и невладини организации што ја поддржуваат партијата Движење кон социјализам.
- Изборна криза во 2019 година
Претседателот на Боливија, Ево Моралес, кој победи во првиот круг на претседателските избори одржани на 20 октомври 2019 година, на повик на полицијата и војската беше принуден да поднесе оставка и да ја напушти земјата по протестите што преминаа во насилни акти, организирани од страна на опозицијата која обвини за измама.
На изборите што беа организирани една година подоцна победи Луис Арсе, кандидат на партијата Движење кон социјализам, чиј поранешен лидер беше Моралес.