свет

Новиот јужнокорејски претседател Јун Сук-јол положи заклетва

„Иако програмите за нуклеарно оружје на Северна Кореја се закана не само за нашата безбедност и за североисточна Азија, вратата за дијалог ќе остане отворена за да можеме мирно да ја решиме оваа закана“

Ekipa  | 10.05.2022 - Обновена : 10.05.2022
Новиот јужнокорејски претседател Јун Сук-јол положи заклетва

АНКАРА (АА) - Новиот јужнокорејски претседател Јун Сук-јoл денес положи заклетва на церемонијаta која беше одржана во Националното собрание во Сеул, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Во пресрет на заклетвата, Јун на полноќ доби детален брифинг од Здружениот штаб во подземниот бункер на новиот претседателски кабинет, јави новинската агенција „Јонхап“.

„Свечено положувам заклетва пред народот дека верно ќе ги извршувам должностите на претседател“, рече Јун, чија функција ќе биде со мандат од пет години.

Говорејќи на инаугуративната церемонија, Јун вети дека ќе работи за мир во регионот и понуди економска поддршка на Северна Кореја доколку Пјонгјанг преземе чекори кон денуклеаризација.

„Иако програмите за нуклеарно оружје на Северна Кореја се закана не само за нашата безбедност и за североисточна Азија, вратата за дијалог ќе остане отворена за да можеме мирно да ја решиме оваа закана“, изјави Јун.

„Доколку Северна Кореја вистински започне процес за целосна денуклеаризација, ние сме подготвени да работиме со меѓународната заедница за да претставиме храбар план што значително ќе ја зајакне севернокорејската економија и ќе го подобри квалитетот на животот на нејзиниот народ“, додаде тој.

Јун се осврна и на актуелната економска состојба во земјата и вети дека ќе преземе практични чекори за решавање на овие прашања.

На церемонијата присуствуваа над 40.000 луѓе, меѓу кои и официјални претставници на САД и Кина.

Новиот претседател се соочува со неколку предизвици, вклучително и задачата да ги балансира односите со Кина за да ги смири тековните тензии со Северна Кореја.

Претседателот во заминување Мун Џае-ин, вчера исто така, повика на продолжување на дијалогот меѓу Јужна и Северна Кореја.

Во своето проштално обраќање Мун рече: „Мирот е услов за преживување за нас, услов за просперитет“.

Неговата изјава дојде во услови на растечки тензии бидејќи Северна Кореја би можела да се префрли на уште едно нуклеарно тестирање, по бројните ракетни вежби, вклучително и со интерконтинентална балистичка ракета, оваа година.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.