Sinan Doğan
10 Мај 2022•Ажурирај: 11 Мај 2022
БОГОТА (АА) - Над 100 затвореници избегаа од затвор во Еквадор за време на немирите и судирите, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Утврдено е дека многу затвореници побегнале од затворот за време на немирите што почнаа вчераутро во затворот „Белависта“ во градот Санто Доминго де лос Цачилас.
Обвинителството преку својот профил на Твитер соопшти: „Досега загинаа 43 затвореници, истрагите продолжуваат. Кон последните часови од бунтот беше откриено дека повеќе од 100 затвореници се водат како исчезнати.“
Министерот за внатрешни работи Патрисио Кастиљо истакна дека бегството на 112 затвореници било спречено благодарение на мерките на безбедносните сили.
Нагласувајќи дека бунтот во затворот е целосно под контрола, Кастиљо истакна дека како резултат на опсежни претреси, во одделенијата биле запленети огнено оружје и ладно оружје.
Во затворот „Белависта“ вчераутро избувнаа нереди и судири, во кои животот го загубија 43 затвореници.
- Проблем со затворите во Еквадор -
Во Еквадор, во вкупно 65 затвори со капацитет од 30.000 луѓе има приближно 39.000 притвореници и осуденици.
Случувањата меѓу бандите понекогаш резултираат со немири кои водат и до смртни случаи.
Од минатата година до денес повеќе од 400 затвореници ги загубија животите во насилствата меѓу ривалските банди во земјата.