Ekip
11 Март 2022•Ажурирај: 12 Март 2022
ЖЕНЕВА (АА) - Новата рунда сириски мировни преговори треба да започне на 21 март во Женева, соопшти канцеларијата на специјалниот претставник на ОН за Сирија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во текот на петдневните преговори ќе се бара решение за ставање крај на 11-годишната војна во Сирија.
Последните такви разговори завршија во Женева на 22 октомври 2021 година, а специјалниот претставник за Сирија, Гир Педерсен, тогаш ги опиша како „разочарување“.
Канцеларијата на специјалниот претставник соопшти дека седмата рунда мировни преговори ќе се одржи зад затворени врати во Женева, но не и во европското седиште на ОН во Палатата на нациите.
Педерсен на 25 февруари пред Советот за безбедност на ОН во Њујорк изјави дека воено, линиите на фронтот остануваат непроменети.
„Кое било од бројните жаришта може да запали поширок пожар. Сè уште гледаме меѓусебно гранатирање, судири и безбедносни инциденти на првите линии на фронтот на северозапад, североисток и југозапад“, рече Педерсен.
Тој смета дека е јасно дека постои застој, дека постојат акутни страдања и дека политичкото решение е единствениот излез.
„За тоа е потребен политички процес предводен од Сирија, кој мора да биде поддржан од конструктивна меѓународна дипломатија. Сепак, тоа е тешко, особено во овој момент“, рече Педерсен.
Кога последната рунда разговори заврши на 22 октомври минатата година, Педерсен рече:
„Денешните разговори беа големо разочарување. Не го постигнавме она на што се надевавме. Мислам дека ни недостигаше соодветно разбирање за тоа како да продолжиме напред во процесот.“
Војната во Сирија започна во март 2011 година.
Група млади луѓе на ѕидовите на училиштата во јужната сириска провинција Дера исцртаа графити „Еј, докторе [Башар ал Асад], тебе ти е редот“, а беа покренати масовни протести кои се претворија во крвава војна со репресијата на силите лојални на режимот.
Масовните протести против режимот брзо се проширија низ Сирија, а демонстрантите бараа радикални реформи и промена на власта.
Режимот на претседателот Башар ал Асад ги прогласи демонстрантите за терористи и ги ангажира Армијата и безбедносните сили во задушувањето на протестите и борбата за останување на власт.
Така, мирните антивладини протести се претворија во граѓанска војна во Сирија во која се водат конфликти меѓу силите лојални на режимот на Асад и опозициските групи собрани во формациите наречени Слободна сириска армија.