Mustafa Deveci
14 Октомври 2018•Ажурирај: 15 Октомври 2018
ЕРУСАЛИМ (АА) - Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, го обвини Хамас за случувањата на границата со Газа и упати отворена закана до ова палестинско движење на отпорот, јавува Anadolu Agency (AA).
Пред почетокот на редовната седница на израелската Влада, Нетанјаху најави дека Израел наскоро ќе лансира „силни удари“, со цел да ја спречи натамошната ескалација на немирите на границата со Газа.
„Јасно е дека Хамас не ја сфати пораката што му беше пратена. Доколку тоа самото не го заврши, ќе биде запрено на друг начин. Начинот на кој тоа ќе го изведе Израел, ќе му нанесе вистинска агонија“, порача Нетанјаху.
Паралелно со тоа, и израелскиот министер за одбрана, Авигдор Либерман, во интервју за локален весник упати отворена закана до Хамас.
Тој рече дека Израел во изминатата половина година ги потрошил сите ресурси мирно да ги спречи протестите на Палестинците на границата со Газа, и додаде дека Израел сега трга по патот од кој нема враќање.
И Либерман го обвини движењето Хамас за антиизраелските протести на границата, а во отворената закана рече дека Израел влегол во фаза во која на Хамас ќе му нанесе најжестоки удари што можат да се замислат.
Илјадници Палестинци од крајот на март оваа година протестираат на границата на Газа со Израел поради израелската блокада на Појасот и окупацијата на Западниот Брег. Во текот на интервенциите, израелските сили досега убија повеќе од 200 демонстранти.