Oktaj Omeragikj
19 Октомври 2025•Ажурирај: 20 Октомври 2025
ВИТЛЕХЕМ (АА) - Нелегалните израелски доселеници денес запалија возила во сопственост на Палестинци во селото Ал-Џаба, во близина на Витлеем, објавија локални извори, пренесува Анадолу.
Официјалната палестинска новинска агенција WAFA, објави дека доселениците извршиле напад и запалиле неколку возила паркирани во дворот на автосервисот во сопственост на Палестинецот Али Ахмед ал-Тус.
Нелегалните израелски доселеници, во меѓувреме, под воена заштита, нападнале палестински земјоделци додека береле маслинки во Рамала и Наблус и притоа запалиле две возила, изјавија очевидци.
Според Комисијата за спротивставување на колонизацијата и ѕидот, нелегалните израелски доселеници извршиле 7.154 напади врз Палестинци и нивниот имот на окупираниот Западен Брег во текот на изминатите две години, што резултирало со смрт на 34 Палестинци и присилно раселување на 33 бедуински заедници.
Локалните власти соопштија дека повеќе од 1.051 Палестинец се убиени на Западниот Брег, околу 10.300 се ранети и над 20.000 се приведени, вклучувајќи 1.600 деца, од почетокот на војната во Газа пред две години.
Во значајно мислење објавено во јули минатата година, Меѓународниот суд на правдата ја прогласи израелската окупација на палестинската територија за нелегална и повика на евакуација на сите населби на Западниот Брег и Источен Ерусалим.